Со пот и крв на младите од МКЦ, со сопствени сили и средства, со огромен ентузијазам и љубов, од едноставна идеа до брза реализација, Ви го претставуваме премиерното издание на фестивалот на нова музика “Здраво Млади!”. На 22. и 23. април во салата “25 мај” во Младинскиот културен центар во Скопје ќе ја славиме новата музика, онаа музика која ретко или пак воопшто не ја среќавате на нашата музичка сцена. Бендовите и артистите на нашиот фестивал се или веќе етаблирани нови имиња на светската сцена, или пак респектирани надоаѓачки појави.

Фестивалот Здраво Млади! во своето дебитантско појавување претставува 11 грижливо селектирани бендови и артисти. Од регионот ни доаѓаат Hemendex, најновото загрепско изненадување на балканската клубската денс територија, Кришке, најрепрезентативниот квартет од срцето на подземнииот Белград, Nasekomix, софискиот авангарден минималистички микс на електронска музика, џез рок, панк, инди и трип хоп, The No Sin, култното грчко гаражно рок комбо, како и домашните Хахаха, во моментов нашето најпотентно и гладно за инди-рок трио, како и Ади, потенцијално најавангардниот гитарист на овие простори.
Артистите од регионот сцената во МКЦ ќе ја делат со No Age, супериорно најекспонираната нова американска гитарска појава, Bomb the Bass, британската електро икона, Handsome Furs, шармантното и искрено канадското дуо, Ulrich Schnauss, германскиот продуцент, ремикс вундеркинд и синтисајзерски гениј, како и Lushlife, прогресивната њујоршка хипхоп сензација.
Влезниците за фестивалот се сеуште по популарна цена од 500 денари (дводневна фестивалска влезница) и 300 денари (еднодневна). На самиот ден на фестивалот дводневната влезница ќе чини 700 денари, а еднодневната 400. Претпродажните места за Здраво Млади! фестивалот се: Југотон, Лаика, Браво, Ла Кања, Дамар, Круг (Аеродром), Чакра и Балет.
Се гледаме на 22. април во 20 часот.