Здраво Млади!
Кои сме ние?
Четири децении МЛАДИ, четири децении обликување на културниот спектар во нашиот град, четири децении расадник на идеи, енергија и младост.
Младинскиот Културен Центар оваа година слави 40 години од своето постоење кое во себе го носи прекриениот симболизам на повторното раѓање, во склоп на пресвртната година во која МКЦ повторно ќе заживее во ново руво, со нова подмладена животна сила втемелена на веќе постоечките културни темели кои безмалку се доволни годинава да ја назначиме како наш прв роденден, планетарно хороскопски поволен, со девизата “конечно полнолетни, но со 22 годишно искуство”.
За таа цел, како назначени лидери на новата културна струја во нашиот град и наследници на надоаѓачката младост,имаме пред себе за најодговорна задача да во новата 2012 година, МКЦ биде место каде повторно ќе може да се доживее младоста, во името на сите приказни кои започнале и завршиле овде, како доказ за еден младешки полет кој сеуште трае.
Покрај веќе постоечките фестивали кои зад кои гордо стои МКЦ – овојпат обоени во роденденска боја, за да биде вистинска роденденска журка и “колачот да биде приготвен од свежи состојки”, МКЦ “мати” свежи предлог програми чија цел ќе биде враќање на “новите” млади во институцијата.
Минатогодишниот фестивал на нова музика “ЗДРАВО МЛАДИ!”, беше посетен од плејада на млади луѓе презаситени од музичката култулорошка инкубација која владее во градот. За неговото второ издание во план е далеку побогата музичка програма со нови, свежи имиња од светската музичка инди сцена. Фестивалот оваа година ќе се одржи на 24 и 25 мај, денови кои Скопје ги памети по славењето на младоста.
Бидете со нас, бидете против нас, или само бидете тука и следете нé – ветуваме дека ќе бидеме премногу гласни.
Поздрав,
Тимот на МКЦ


